свет

Мандела - лидер кој го посвети животот на борбата против расната дискриминација

Поминаа шест години од смртта на легендарниот лидер на Јужна Африка, Нелсон Мандела, кој беше симбол на борбата против расната дискриминација во светот

Ekipa  | 05.12.2019 - Обновена : 09.12.2019
Мандела - лидер кој го посвети животот на борбата против расната дискриминација

КЕЈПТАУН (AA) - МУРАТ КАРАДАГ -

Поминаа шест години од смртта на легендарниот лидер на Јужна Африка, Нелсон Мандела, кој беше симбол на борбата против расната дискриминација во светот, пишува Агенција Анадолија (АА).

Мандела беше осуден на доживотен затвор од страна на Владата на Апартхејдот поради неговата борба против расната дискриминација, а беше пуштен на слобода откако отслужи 27 години затвор.

Во 1994 година, на првите демократски избори во Јужна Африка, Мандела беше избран за прв претседател црнец во историјата на земјата.

Мандела на функцијата дојде со поддршка на Јужноафриканците од сите сфери на животот. Тој својата должност ја започна со христијански, муслимански, еврејски и хинду молитви.

Во изјавата веднаш по изборите, Мандела истакна дека во земјата ќе преовладува мирот.

По победата, Мандела ги прегрна белците во земјата. На неговото раководство се восхитуваше целиот свет.

Легендарниот лидер почина на 5 декември 2013 година, на возраст од 95 години, поради заболување на дишните патишта.

- „Мандела успеа на едно место да ги собере сите крајни точки во земјата“ -

Претседателот на Институтот „Инјатело“, Назема Мухамед, во изјавата за АА рече дека Мандела без чувство за одмазда обезбедил трајна стабилност и мир во земјата.

„Со децении, во Јужна Африка белата раса беше супериорна, угнетувани беа тие што не беа бели, тоа природно создаде радикални групи во општеството. Мандела успеа на едно место да ги собере сите крајни точки во земјата и по тешките години постигна социјално помирување и мир. Неговата способност да биде лидер на помирувањето, иако со години лежеше во затвор, придонесе да стане икона на демократијата и социјалната правда во светот“, нагласи Мухамед.

Истакнувајќи дека десетици социјални проблеми може да се надминат со филозофијата на Мандела, Мухамед рече: „Ние како институција се обидуваме да носиме решенија за социјалните проблеми токму со оваа мисија.“

- „Од затвор излезе со спокој“ -

Истакнувајќи дека Мандела ги прегрнал сите во земјата, 62-годишниот Чарлс Елферс рече дека тоа донело стабилност и углед на земјата.

„Мандела од затвор не излезе со омраза, излезе со спокој и им подаде рака на сите. Бевме сведоци дека тој сонувал за земја каде што секој би можел да живее во мир без разлика дали е од црна или бела раса. Со него повторно влеговме на меѓународната арена и направивме еден добар почеток.“

Истакнувајќи дека има долг пат за да се стигне до Јужна Африка за која сонуваше Мандела, Елферс нагласи: „Нашата влада денес, задржувајќи се на неговата филозофија што е можно повеќе, се обидува да ги решава нашите проблеми и да ја придвижи земјата напред. Но пред неа има мултидимензионална, сложена равенка. Ако денешните млади продолжат по неговиот пат, верувам дека земјата ќе ја придвижат понапред.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.