Ekip
14 Декември 2017•Ажурирај: 15 Декември 2017
КУДС (AA) – Иако поминаа два месеци од кога израелските војници го уапсиле за време на протестите во местото Наби Салех на Западен Брег, 15-годишниот Палестинец Амџад рече дека никогаш нема да го заборави тој настан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се сеќавам на тој инцидент како вчера да се случи", рече Амџад чии родители замолија поради безбедносни причини да не му се објавува презимето.
Амџад тврди дека израелските војници повеќе од два часа го држеле врзан во блиндирано воено возило со затемнети стакла и постојано го навредувале.
Присетувајќи се на моментите кога израелските војници го довеле во воената база, Амџад рече дека тогаш бил жртва и на физичко насилство.
„Тројца војници ми ја соблекоа гардеробата и ме прегледуваа. Потоа ме затворија во една просторија без храна и вода во текот на три часа", рече Амџад во разговор за Anadolu Agency (AA).
„Потоа ме однесоа во соба за испрашување во која еден војник постојано ми викаше. Три пати ме удри во стомакот откако не му дадов одговор на едно прашање. Останав без здив и ја загубив свеста", рече Амџад, а неговиот татко додаде дека Амџад е ослободен откако во притворот поминал 48 часа.
Организациите за човекови права ги обвинуваат израелските безбедносни сили за спроведување на постојани апсења на палестинците малолетници.
„Израелските сили апсат Палестинци без грижа за нивната возраст или пол. Според меѓународните норми сите лица помлади од 18 години се малолетници", рече претставник на Здружението на палестинските затвореници Кадура Фарес.
Тој исто така рече дека израелските сили во изминатите две години во повеќе наврати апселе и деца помлади од седум години. Додаде дека тоа претставува грубо кршење на меѓународните норми.
„Светот мора да заземе јасен став против израелските злосторства над нашите деца кои секојдневно се изложени на злоставување поради окупацијата", порача Фарес.
Израелските апсења на палестинските малолетници се најдоа на насловните страни на светските медиуми во изминатата недела во текот на одржување на масовните протести поради признавањето на Кудс како главен град на Израел.
Фавзи ал-Џунеиди е 16. годишно момче кое израелските војници го приведоа во текот на протестите во Хеброн, а фотографијата на која се гледа дека неколку војници го водат со превез на очите стана еден од симболите на палестинскиот отпор на окупацијата на Кудс.
Најмалку 100 палестински малолетници се уапсени од минатата недела, од објавувањето на американската одлука за Кудс, се вели во извештајот на Здружението на палестинските затвореници.
Палестинските организации за борба за човекови права тврдат дека голем број уапсени палестински деца биле изложени на психичко или физичко злоставување.
„Најмалку 90 отсто од уапсените малолетници биле жртви на вербално злоставување и понижување од страна на израелските војници. Четири од пет уапсени се приморани да ја соблечат облеката и да бидат прегледувани, една третина од приведените се жртви и на физичко злоставување", рече за АА претставник на Организација за заштита на палестинските деца Ајдед Абу Ктаиш.
Исто така се наведува дека дека 75 отсто од уапсените палестински малолетници немале право на правно советување пред испитување.
„Не се работи за изолирани случаи, туку тоа е воспоставена пракса на израелските сили. Целта на израелската окупаторска политика е со таква систематска пракса да влева страв кај палестинската младина", рече Абу Ктаиш
Челникот на Здружението на семејствата на уапсените Палестинци во Кудс Амџад Абу Асаб рече дека израелските сили во изминатата седмица уапсиле најмалку 19 малолетници во текот на претрес на куќите, што ги извршуваат доцна ноќе.
„Сите малолетници беа жртви на психичко и физичко злоставвуање во текот на притворот", рече Абу Асаб.
Според податоците на Здружението на палестинските затвореници, во израелските притвори во просек се наоѓаат околу 300 палестински малолетници.