Emre Aytekin
04 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Против водечки лица на терористичката организација ФЕТО, Тургај Караман и Ихсан Аслан, кои се приведени вчера во Малезија, покрената е истрага под сомнеж дека се поврзани со терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што наведува дневниот весник „Malaysia Star“ (Малезија стар), вицепремиерот на Малезија, Ахмад Залих Хамиди, изјави дека двајцата државјани на Турција, кои ден претходно ги приведе малезиската полиција, се под истрага поради сомнеж дека го помагале и го поддржувале ДЕАШ.
Тој истакна дека антитерористичките единици веќе подолг период ги следеле телефонските разговори на споменатите двајца.
Тој додаде дека осомничените ќе останат во притвор поради понатамошната истрага.
„Антитерористичките единици следат голем број лица за кои се сомневаат дека помагале и ги поддржувале активностите на ДЕАШ. Меѓу нив се и двајца турски државјани“, изјави Хамиди.
Полицијата потврди дека се работи за Караман и Аслан, кои вчера се приведени под обвинение дека претставуваат закана за националната безбедност.
Караман и Аслан наводно биле водечки лица на ФЕТО во Малезија. Караман ја извршувал функцијата директор на училиште кое е поврзано со ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век започна своите поддржувачи да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, за во осумдесеттите значително да ги зајакне своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15 јули минатата година се обиде да изврши воен удар со цел соборување на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
Властите на Турција спроведуваат опсежни операции во рамките на борбата против таа терористичка мрежа предводена од Фетула Ѓулен.