свет

Малата Сиријка Селва за да не се плаши од звуците на бомбардирањата 6 месеци игра „воени игри“

Новинарите на Агенција Анадолија (АА) во Идлиб стигнаа до таткото и ќерката, чија приказна потсетува на филмот „Животот е убав“

Ekipa  | 18.02.2020 - Обновена : 19.02.2020
Малата Сиријка Селва за да не се плаши од звуците на бомбардирањата 6 месеци игра „воени игри“ Фото: Mehmet Burak Karacaoğlu/AA

ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА –

Таткото Абдула Мухамед, кој живее во Идлиб, ја подучува својата 4-годишна ќерка Селва веќе 6 месеци да игра „воени игри“ за да не се плаши и да мисли дека звуците од бомбардирањата се само дел од игра.

Новинарите на Агенција Анадолија (АА) во Идлиб стигнаа до таткото и ќерката, чија приказна потсетува на филмот „Животот е убав“.

Бегајќи од подрачјето на Серакиб поради нападите на режимот на Асад и неговите поддржувачи, Мухамед нашол прибежиште во месноста Сармада, во близина на турската граница.

Мухамед вели дека голем број деца во Сирија поради војната имаат психолошки проблеми, и дека поради тоа неговата ќерка Селва ја учи дека бомбите се дел од игра.

„Кога Селва беше мала, почнав да размислувам за некоја метода за да не се плаши од звукот на бомбардирањето. Минатиот Курбан бајрам децата направија огномет. Мојата ќерка многу се исплаши и почна да плаче. Ја извадив на балкон и ѝ покажав како играат децата. Ѝ реков дека не треба да се плаши, и од неа побарав кога ќе слушне звуци од експлозија да се смее“, рече Мухамед.

Кога воените авиони ја напаѓале областа Серакиб и околината Селва слушајќи ги звуците од бомбардирањето почнувала да се смее мислејќи дека станува збор за игра.

- „Мојата желба ќерка ми да стане научник е далеку над моите соништа“ -

Таткото Мухамед коментираше и за снимките што беа објавени на социјалните медиуми:

„Ние сме наводно на безбедно место, близу до границата. Слушнав звук на топови. Мислејќи дека ќе има втор напад со топ почнав да ја снимам ќерка ми со телефонот. Кога се слушна втората експлозија, ќерка ми помисли дека е игра и почна да се смее. Тоа видео се рашири.“

Наведувајќи дека не знае каков живот ќе има неговата ќерка во иднина, Мухамед вели: „Посакувам да има подобар живот од тоа што го живееме сега. Мојата најголема желба е да се стекне со добро образование. Во Серакиб поради стравот од авионите не ја однесовме во градинка. Моментално мојата најголема желба секако дека не е таа да стане голем научник. Тоа е над нашите соништа. Само нека има за јадење и пиење. Како и секој човек нека има нормален живот и да има некое образование.“

- „Тоа е играчка, не ме плаши“ -

Малата Селва вели дека не се плаши од звуците на експлозиите. „Тоа е играчка. Не ме плаши. Се смеам кога ќе ги слушнам.“

- Камерата на АА сведочеше на нивната игра -

Во моментот кога АА ја снимаше репортажата се спроведуваа воздушни напади во ридовите спроти нивниот дом. Таткото и ќерката ја прикажаа нивната игра и пред камерите на АА.

Таткото, сакајќи да ја утеши својата ќерка, со насмевка ги покажуваше воените авиони и во играта ја прашуваше Селва што прават авионите, додека таа се смееше.

Животот на таткото и ќерката потсетува на филмот „Животот е убав“, чие дејствије се одвива во текот на Втората светска војна. Таткото Евреин заедно со синот ги носат во концентрационен логор, а тој на својот мал син му ја претставува војната како игра.

Во филмот, таткото му вели на синот дека ако успешно ја заврши играта како награда ќе добие вистински тенк.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın