Faruk Zorlu
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) да задржи најмалку 200 војници во Сирија откако ќе повлече поголем дел од силите од оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Што се однесува до оваа одлука, можам само да ја поздравам. Тоа е добра одлука на САД“, изјави Макрон по состанокот со ирачкиот колега Бархам Салих во Елисејската палата.
Макрон изјави дека задржувањето на дел од американската војска во Сирија претставува важна работа за локалните групи кои учествувале во борбата против терористичката организација ДЕАШ, вклучувајќи ги и т.н. Сириски демократски сили под чиј плашт дејствува терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Моментално во Сирија се наоѓаат околу 2.000 американски војници, а кон крајот на минатата година американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување на американската војска.
Минатата недела од Белата куќа е соопштено дека најмалку 200 американски војници ќе останат и понатаму во Сирија за да учествуваат во мировните процеси.
Весникот „Вашингтон пост“ („The Washingotn Post“) тврди дека во Сирија ќе останат најмалку 400 војници, и тоа 200 на северот и 200 на југот на земјата.