Fatjon Cuka
06 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека војната во Украина е безбедносно прашање за целиот регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за медиумите по пречекот од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама, во рамките на Самитот Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан во Тирана, Макрон зборуваше за самитот, војната во Украина, соработката меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
„Денес сум многу среќен што сум во Албанија. Сакам да му се заблагодарам на премиерот Еди Рама за овој самит меѓу ЕУ и Западен Балкан, во многу важен момент за нас“, рече францускиот претседател.
Макрон нагласи дека војната во Украина е безбедносно прашање за целиот регион, додавајќи дека имаат конкретни проекти за кои треба да разговараат.
„Важно е да се има солидарност меѓу ЕУ и Западен Балкан за енергијата, но и за процесот на интегрирање на овој дел во ЕУ. Важно е да се работи на оваа солидарност“, рече тој.
Денеска во Тирана се одржува Самитот ЕУ - Западен Балкан, прв што се одржува во регионот, на кој учествуваат лидерите на ЕУ, од земјите од ЕУ и од регионот.
Главните теми за кои ќе се дискутира на Самитот се справување со последиците од руската агресија врз Украина, интензивирање на политичкиот ангажман, зајакнување на безбедноста против надворешни интервенции, како и справување со предизвиците што ги носи емиграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
По пленарните седници ќе се одржи прес-конференција на Рама, Фон дер Лајен и Мишел.