АНКАРА (АА) - Лидерите на Грција, Египет и Администрацијата на кипарските Грци се состанаа во главниот грчки град Атина и ја повторија посветеноста на трипартитниот сојуз, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката Декларација објавена по 9. Трилатерален самит за соработка и координација, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, лидерот на Администрацијата на кипарските Грци, Никос Анастасијадес и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси ја нагласија поддршката на нивните земји за меѓусебните ставови во врска со различни клучни прашања, вклучувајќи го кипарското прашање, Либија, поморските зони во Источниот Медитеран, Сирија, палестинско-израелскиот спор, илегалната миграција, соработката во енергетскиот сектор и Големата етиопска ренесансна брана (GERD), што предизвика сериозни проблеми помеѓу Египет и Етиопија.
Повторувајќи го наративот на Грција и на кипарските Грци за кипарското прашање, земјите посочија дека биозоналната, бикомунална федерација со единствен суверенитет, единствен меѓународен ентитет и единствено државјанство е единственото решение.
Тие се осврнаа и на поморските зони во Источниот Медитеран и ја обвинија Турција за кршење на поморските зони утврдени со меѓународното право. Земјите, исто така, нагласија дека економските ексклузивни зони во близина на островот Кипар се веќе поставени и затоа дупчењето и сеизмичките истражувања што ги вршат турските бродови се „нелегални“.
Во Декларацијата, исто така, се наведува дека Турција го нарушува грчкиот национален воздушен простор и континентален гребен во Егејското Море.
Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрла тврдењата за поморските граници на Грција и на Администрацијата на кипарските Грци и нагласува дека овие прекумерни тврдења ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Турските лидери постојано нагласуваат дека Анкара е за решавање на сите отворени проблеми во регионот - вклучувајќи ги и поморските спорови - преку меѓународното право, добрососедските односи, дијалогот и преговорите.
Во тесно поврзано прашање, заедничката Декларација тврдеше дека Договорот за воена и безбедносна соработка потпишан меѓу Турција и Владата на национално единство на Либија во ноември 2019 година, го прекршил меѓународното право и ја поткопал регионалната стабилност.
Слично на тоа, земјите во заедничката декларација велат дека Меморандумот за разбирање помеѓу Либија и Турција за делимитација на областите на поморска јурисдикција во Медитеранот не може да произведе правни ефекти.
Грција и Администрацијата на кипарските Грци, исто така, силно и отворено ја повторија својата поддршка за Египет во врска со ГЕРД што предизвика сериозен спор меѓу Египет и Етиопија.
„Ја препознаваме егзистенцијалната закана што ГЕРБ би можела да ја претставува за Египет доколку е управувана еднострано“, се додава во Декларацијата.
И покрај зголемените стратешки врски меѓу Грција, администрацијата на кипарските Грци и Израел, земјите рекоа дека поддржуваат формирање независна и одржлива палестинска држава со сигурни и признати граници во договорот пред 1967 година, со источен Ерусалим како главен град, додавајќи дека тие, исто така, го признаваат правото на постоење на Израел во мир и безбедност.
Изразувајќи задоволство за нивото на соработка, земјите претставија план кој предвидува создавање на трипартитна меѓусебна поврзаност што ќе овозможи пренос на египетска електрична енергија до Европа преку Грција.
Страните се согласија следниот трилатерален самит да се одржи во Египет во втората половина на 2022 година.
Во врска со развојот, грчката левичарска опозициска партија МеРА25 предводена од поранешниот министер за финансии, Јанис Варуфакис, објави соопштение во вторникот вечерта во кое остро го критикуваше Самитот и заедничката Декларација.
„Мицотакис се обидува да изгради профил на силна Грција која тврди дека игра улога во поширокиот регион на Источниот Медитеран, сакајќи да го искористи скапиот воен договор со Франција и еквивалентот со САД“, соопшти партијата.
„Ниту еден билатерален или трилатерален договор нема да ги реши проблемите во Источниот Медитеран“, се истакнува.
Во меѓувреме, официјалната веб-страница на грчката Комунистичка партија објави дека Грција, Египет и Администрацијата на кипарските Грци се согласиле за регионални договори што ќе обезбедат кохезија на евроатлантскиот камп.
Осврнувајќи се на заедничката Декларација за случувањата во Либија, Сирија, Палестина и Либан, се додава: „Мицотакис, Сиси и Анастасијадес ја повторија својата намера активно да се вклучат во процесите за промовирање на империјалистичките планови.“
Исто така, се истакнува дека Кина е активно вклучена во регионот на Рогот на Африка и Етиопија, така што отвореното приклонување на Грција кон Египет е ризично и авантуристичко.