Ekip
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
ТРИПОЛИ
Претставничкиот дом (парламентот) на Либија предложи одложување на претседателските избори во земјата за шест месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Собранието одржа седница во источниот град Тобрук синоќа доцна на која се дискутираше за изборите, кои требаше да се одржат на 24 декември.
Фавзи Ал Нуваири, вршителот на должноста претседател на парламентот, претстави неколку предлози од пратениците за изборите, од кои еден од предлозите е одложување на изборите за шест месеци.
Ал Нуваири побара изборната комисија да даде објаснување за убедливите причини што го спречија одржувањето на изборите.
Вршителот на должноста претседател на парламентот изјави дека Парламентот ќе побара од Претседателскиот совет и од Министерството за надворешни работи да го ограничат движењето и посетите на странските амбасадори во Либија, без дополнителни детали.
Во петокот, европските земји и САД ги повикаа либиските власти да одлучат за конечниот датум за избори без одлагање.
Во заедничката изјава, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД апелираа до либиските власти „да ги почитуваат аспирациите на народот за навремени избори со брзо одредување на конечниот датум за избирање и објавување на конечната листа на претседателски кандидати без одложување“.
Либиските ривалски партии не можат да се согласат околу распоредот на претседателските и парламентарните избори, дали да се одржат истовремено или еден по друг.
Либијците се надеваат дека претстојните избори ќе придонесат за ставање крај на вооружениот конфликт што со години ја мачи земјата богата со нафта.