Betül Yılmaz
22 Септември 2025•Ажурирај: 23 Септември 2025
ТРИПОЛИ/ИСТАНБУЛ (АА) - Либискиот брод „Омар ал-Мухтар“ исплови вчера за да ѝ се придружи на Глобалната флотила „Сумуд“, чија цел е пробивање на израелската блокада на Појасот Газа, откако беше опремен со единица за интензивна нега за обезбедување здравствени услуги за флотата, јавува Анадолу.
Бродот исплови откако во средата го откажа тргнувањето поради лошите временски услови, изјави за Анадолу портпаролот на бродот, Набил ал-Сукни.
„Сега сме целосно подготвени со целата наша опрема и го зголемивме складирањето резерви за некои од помалите бродови што не беа доволно опремени поради големината“, рече Ал-Сукни.
Тој додаде дека тие, исто така, одвоиле простор за активисти од некои бродови кои не биле соодветни за патувањето.
Портпаролот рече дека „Омар ал-Мухтар“ носи шатори за раселените Палестинци, лекови, бебешка формула и разни резерви за сите возрасни групи во енклавата.
„Популарната и моралната поддршка што ја добивме од некои страни во Либија беше силна порака за подигнување на моралот на екипажот на бродот 'Омар ал-Мухтар'“, додаде тој.
Меѓу истакнатите личности на бродот е и поранешниот либиски премиер Омар ал-Хаси, заедно со меѓународни активисти, рече портпаролот.
Абдел Рахман Хумаид, медицинско лице на бродот „Омар ал-Мухтар“, за Анадолу изјави дека тие вклучиле придружен здравствен тим и поставиле единица за интензивна нега за да обезбедат медицински услуги за меѓународната флотила.
„Го опремивме бродот со потребната опрема и лекови и со сè што е потребно за интензивна нега“, рече Хумаид.
Од неодамна десетици бродови пловат од северноафриканските и европските пристаништа кон Газа како дел од Глобалната флотила „Сумуд“ за пробивање на израелската блокада.
Меѓународниот комитет за разбивање на опсадата на Газа на 16 септември објави дека бродовите на флотилата ќе се соберат во близина на островската држава Малта за да пловат заедно преку Медитеранот кон бреговите на Газа, без да прецизира датум.
Ова е најголем обид од ваков вид со цел да се стигне до Газа, каде што 2,4 милиони Палестинци живеат под израелска блокада што трае 18 години.
Израел претходно пресретна бродови што се движеа кон Газа, запленувајќи ги и депортирајќи ги оние на нив.
Истражителите на ОН неодамна заклучија дека Израел врши геноцид во Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени речиси 65.300 Палестинци.