Ata Ufuk Şeker
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот парламент (ЕП) и Советот на Европската Унија (ЕУ) се согласија за назначувањето на Романката Лаура Кодрута Ковеси на чело на новото Јавно обвинителство за справување со финансискиот криминал, пренесува Anadolu Agency (AA).
За време на преговорите меѓу претставниците на земјите членки на ЕУ и Комисијата на ЕУ постигнат е договор за назначување на Ковеси за прва обвинителка во новото Европско јавно обвинителство (EPPO), кое ќе се справува со финансискиот криминал.
Во 2017 година земјите од ЕУ одлучија да соработуваат за формирање на европско обвинителство.
Дваесет и две земји членки на ЕУ најавија дека ќе влезат во новото Обвинителство. Во моментот, Шведска, Унгарија, Полска, Ирска и Данска се одлучија да не се приклучат на новото Европско јавно обвинителство.
Со формирањето на Обвинителството, се очекува земјите членки на ЕУ да соработуваат поблиску за финансиските прашања. Се предвидува Обвинителството на ЕУ да биде одговорно за гонење на сторителите и соучесниците на кривични дела извршени против буџетот и финансиските интереси на Унијата.
Обвинителството се очекува да започне со работа во 2020 година, а седиштето ќе се наоѓа во Луксембург. Се предвидува мандатот на Ковеси да трае седум години.
Ковеси е родена во Романија во 1973 година. Работеше како главен обвинител во својата земја во борбата против корупцијата од 2013 до 2018 година.