Dmitri Chirciu
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакнa дека западните земји ја притискаат Украина да го реши проблемот со Донбас со сила, и посочи дека Киев се подготвувал за војна во Доњецк и Луганск, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот министер Лавров се обрати на конференцијата „Дигитални меѓународни односи 2022“, што се одржа во Московскиот државен институт за дипломатија (MGIMO).
Осврнувајќи се на тековната војна меѓу Русија и Украина, Лавров нагласи дека западните земји ја насочуваат Украина.
„Западните земји цели осум години ги поддржуваа киевските режими да не ги почитуваат Договорите од Минск, принудувајќи ги да го решат проблемот со Донбас со сила. Киев се подготвуваше за војна во Доњецк и Луганск“, рече Лавров.
-„Запад објави хибридна војна против Русија“ -
Наведувајќи дека Западот се обидува да ги затвори „нормалните“ комуникациски канали, Лавров рече дека „дигиталната дипломатија е единствениот канал“ за пренесување на алтернативниот поглед на странската целна публика.
„Западот ни објави хибридна војна под изговор на украинската криза. Оваа војна опфаќа различни полиња, вклучително и информациското поле“, додаде Лавров.
Истакна дека Русија нема да се изолира, за што рече: „Сегашната криза нуди дополнителни можности за развој во секое поле.“
Лавров порача дека Русија е за воспоставување конструктивна соработка во областа на управувањето со интернет и кибербезбедноста, и дека земјата ќе си ја обезбеди сопствената безбедност на дигитално поле и ќе развие онлајн платформи.