Faruk Zorlu
25 Февруари 2020•Ажурирај: 26 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на починати во Италија од новиот вид коронавирус Ковид-19 се искачи на седум лица, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што јави италијанската новинска агенција АНСА (ANSA), со смртоносниот вирус заразени се 229 лица.
Најтешко погоден е регионот на Ломбардија во северна Италија, со 173 случаи на заразени и шест смртни случаи, додека 33 заразени и еден смртен случај се пријавени во североисточниот регион Венето.
Освен тоа, на лекар од Ломбардија му бил дијагностициран коронавирусот на Канарските Острови, каде што бил на одмор.
Министрите за здравство на Италија, Словенија, Франција, Австрија, Германија и Швајцарија се очекува денес да се состанат во Рим за да разговараат за сопирањето на ширењето на коронавирусот.
Коронавирусот го вклучи глобалниот аларм, а Кина објавува нови смртни случаи чиј број заклучно со денес достигна 2.665 лица.
Надвор од континентална Кина, коронавирусот Ковид-19 се прошири во над 25 други земји, меѓу кои и во САД, Велика Британија, Сингапур, Иран, Италија, Франција, Русија, Шпанија, Индија и други земји.
Минатиот месец, Светската здравствена организација (WHO) поради вирусот прогласи состојба на глобална опасност.