Ekipa
21 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
ПУКРАЈАН (AA) - Индиската полиција денес соопшти дека спасувачките екипи ја завршија потргата по жртвите во железничката несреќа што вчера утрото се случи во северниот дел на земјата. Во несреќата загинаа најмалку 133 лица, а повеќе од 200 се повредени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Несреќата се случила околу 03.00 часот по локално време, во местото Пукрајан кај градот Канапур, додека поголемиот дел од патниците уште спиеле.
Несреќата се случила кога 14. вагон од патничкиот воз излетал од шините, а станува збор за воз на редовна патничка линија Патна - Индоре.
Спасувачите, војниците и припадниците на индиската служба за управување со катастрофи работеа цела ноќ на извлекување на настраданите од превртениот вагон.
Утринава тие ја завршија потрагата по преживеаните во последниот од 14 вагони, со тоа што ги пронашле телата на неколкумина загинати, со што бројот на жртвите се зголеми на 133, изјави локален полициски инспектор, генерал Заки Ахмад.
„Околу 226 лица се повредени, меѓу кои 76 потешко“, изјави Ахмад и додаде дека лекарските екипи на многумина им укажале помош на местото на несреќата, додека оние со тешки повреди се хоспитализирани во Канпур.
Министерот за железници, Суреш Прагбу нареди истрагата и најави дека на семејствата на загинатите ќе им биде исплатена отштета од 5.130 долари.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди, изрази сочувство до семејствата на страданите во несреќата и изјави дека не постојат зборови со кои би се опишала тагата што ја чувствува.
Индија е четврта земја на светот според големината на железничката мрежа, а со возовите во таа земја секојдневно во просек патуваат повеќе од 20 милиони луѓе. Железничките несреќи не се реткост во Индија, а најчеста причина се застарените шини и возови.
Најмалку 39 лица загинаа, а 150 се повредени и во слична несреќа што минатата година исто така се случи во покраината Утар Прадеш.