Ekipa
28 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
САН ХОСЕ ДЕЛ ГУАВИЈАРЕ (АА) - Колумбиска Амазонија почна да станува атрактивен центар на туризмот поради различните видови птици, розовите речни делфини и скриената древна историја во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Департманот Гуавијар на југот на земјата е портата кон колумбискиот Амазон.
Сан Хозе дел Гуавијар, главниот град на департманот, досега има пречекано голем број туристи кои се во потрага по разновидни природни убавини.
Додека некои туристи го посетуваат регионот за да ги видат ретките животни, како што се розовите делфини, вид водни цицачи на кои им се заканува истребување, други претпочитаат да одат во прошетки низ џунглата за да ги видат древните карпести цртежи во Ел Раудал дел Гвајаберо, позната област за пешачење во регионот.
Карпестите цртежи датираат од пред 8.000 - 12.000 години. Карпестата уметност се состои од геометриски цртежи исцртани со окер пигмент, отпечатоци од раце и слики на животни и луѓе.
Се верува дека луѓето што ги направиле овие цртежи биле првите што ја населиле областа.
Фреди Армандо Клавихо Монтеро, лидер на заедницата во регионот, рече: „Овие пиктограми се откриени во 1948 година од страна на француските истражувачи и ние преку оваа уметност учиме како порано се живеело во регионот.“
Цезар Ареондо, туристички водич во подрачјето, рече дека цртежите немаат органски траги, па затоа не е можно да се користи тестот за утврдување нивна точна старост со јаглерод-14 (14С).
Додаде дека не е позната точната старост на тие цртежи.
Иако регионот на Амазон во Колумбија опфаќа една третина од територијата на земјата, тој е физички и културно одвоен од остатокот на земјата.
Регионот има богат екосистем во кој егзистираат разновидна тропска флора и фауна и различни домородни заедници кои живеат покрај реката.