Betül Yürük
27 Мај 2022•Ажурирај: 28 Мај 2022
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Кина и Русија ставија вето на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бара зголемување на санкциите против Северна Кореја поради тестирање на балистички ракети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нацрт-законот предложен од Соединетите Американски Држави (САД) за зголемување на санкциите против Северна Кореја беше изгласан од 15-члениот Совет на безбедност на Обединетите нации.
Кина и Русија ставија вето на законот, додека 13 земји ја поддржаа одлуката, со која се предвидува годишниот извоз на сурова нафта во Северна Кореја да се намали за 1 милион барели и да изнесува 3 милиони барели, а извозот на рафинирана нафта да се намали за 125.000 барели и да биде 375.000 барели.
За Предлог-законот да биде усвоен во Советот за безбедност на Обединетите нации, најмалку 9 од 15-те членки треба да гласаат „за“, а која било од постојаните членки САД, Русија, Кина, Англија и Франција не смее да го користи правото на вето.
Нацрт-законот, кој забранува извоз на тутун и тутунски производи во Северна Кореја, исто така имаше за цел да го забрани извозот на севернокорејските „минерални горива, минерални масла и производи добиени од нивната дестилација“.
Предлог-законот предвидуваше и замрзнување на имотот на хакерската група „Лазарус груп“, за која се наведува дека е поврзана со разузнавањето на Северна Кореја.
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас Гринфилд, во изјава пред гласањето рече дека Северна Кореја ги загрози меѓународниот мир и безбедност со тестирање на 6 интерконтинентални балистички ракети и развивање оружје за масовно уништување од почетокот на оваа година.
Постојаниот претставник на Кина во ОН, Жанг Џун, нагласи дека новите санкции ќе имаат хуманитарни последици врз Северна Кореја, која се обидува да се справи со епидемијата на Ковид-19 и дека дополнителните санкции ќе ги зголемат тензиите наместо да го решат проблемот.
Од друга страна, постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија, ги обвини САД дека наместо дијалог избрале санкции и „непријателски“ однос кон Северна Кореја.
Советот за безбедност на ОН воведе економски и воени санкции кон Северна Кореја од 2006 година поради нејзината нуклеарна програма. Русија и Кина, одлуката да стават вето на зголемените санкции кон Северна Кореја ќе треба да ја бранат на Генералното собрание од 193 члена во наредните денови, во согласност со одлуката на Генералното собрание на ОН од 26 април.