Fuat Kabakçı
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
ПЕКИНГ (АА) - Кина го зголеми буџетот на одбранбениот сектор за седум отсто, и тој за 2017 година ќе изнесува 1,04 трилиони кинески јуани (околу 152 милијарди американски долари), пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на неименуван извор од кинеското Министерство за финансии, новинската агенција Синхуа јави дека 1,02 трилиони јуани од вкупниот буџет од 1,04 трилиони ќе бидат обезбедени од државните буџетски средства, а остатокот ќе ги обезбеди Министерството за одбрана од сопствената програма.
Истиот извор јавува дека целта на зголемувањето на буџетот за одбрана е продолжување на поддршката за реформите на полето на одбранбениот сектор и војската, како и подобрување на воената обука и животниот стандард на војниците.
Портпаролот на Народниот конгрес на Кина, Фу Јинг, во саботата во Пекинг изјави дека буџетот за одбраната ќе се зголеми за седум отсто и дека вложувањето во овој сектор ќе продолжи бидејќи одбранбените капацитети на Кина сè уште имаат недостатоци во споредба со капацитетите на САД.
Зголемувањето за седум отсто е најмалото зголемување што Кина го одобри за одбранбениот сектор во изминатите седум години. Од 2010 година, овој буџет на годишно ниво е зголемен меѓу 7,5 и 12,7 отсто.