свет

Киев: Османи се сретна со Кулеба, шефот на украинската дипломатија

Османи по реотворањето на Амбасадата на Северна Македонија во Украина изјави: „Ова не е само симболичка порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“

Furkan Abdula  | 27.05.2022 - Обновена : 29.05.2022
Киев: Османи се сретна со Кулеба, шефот на украинската дипломатија Фото: Фејсбук профил на министерот Бујар Османи

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамки на работната посета на Украина се состана со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Во продолжение на својата посета на Украина, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со својот домаќин Дмитро Кулеба. Ова е нивна втора средба во само неколку недели“, се вели во соопштението на МНР на Северна Македонија.

Во соопштението уште се вели дека централна тема на разговорите била руската агресија врз Украина и нејзините последици врз украинската држава и граѓани, но и пошироко.

Се нагласува дека соговорниците се согласиле дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобалната безбедност и стабилност.

„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа“, изјави Османи, појаснувајќи дека државата уште во почетокот се приклонила кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.

На состанокот се разговараше и за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна врз овој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика.

За време на својата посета во Киев, Османи ја реотвори Амбасадата на Северна Македонија во Украина, со што таа е ставена во полна функција.

„Ова не е само симболичка порака, туку суштински израз на пријателство и солидарност кон украинскиот народ и држава“, изјави Османи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın