Canberk Yüksel
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Илјадници жители на Оровил во Северна Калифорнија беа евакуирани синоќа, во доцните вечерни часови, откако властите предупредија на опасноста од уривање на преливникот на највисоката брана во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Итната евакуација на жителите беше организирана откако официјалните лица утврдија дека помошниот преливник на браната од езерото Оровил би можел да попушти во секој момент и да предизвика поплава во околните места.
По издавањето на наредбата за евакуација, дојде до застој на главниот автопат, каде што беа блокирани стотина возила.
„За жал, не ми кажаа колку време преостана, така што бевме принудени да донесеме многу тешка и клучна одлука за евакуација на подрачјето Оровил и на сите места јужно од него“, рече шерифот на округот Бјут, Кони Хоноа.
Шерифот нешто подоцна изјави дека водата сѐ уште протекува, но многу помалку од претходно. Според првичните процени, се сметало дека преливникот покрај браната ќе се урне за два часа, но тој и понатаму опстојува, неколку часа откако е објавена информацијата.
Браната „Оровил“ е висока 235 метри. Изградена е во 1968 година и се наоѓа на 240 километри од Сан Франциско.