Burç Eruygur
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денеска го распушти Долниот дом на Парламентот и свика предвремени избори за 19 март, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во согласност со Уставот, по консултации со претседателите на домовите на Парламентот и премиерот, потпишав декрет за распуштање на Меџлисот и предвремено укинување на овластувањата на маслихатите“, рече Токаев во соопштението објавено од Претседателството.
Вонредното гласање за пратеници на Меџлисот (Собранието) ќе се одржи на 19 март, додека изборот на пратеници за маслихатите, локални претставнички тела избрани од жителите на одреден регион, ќе го закаже Централната изборна комисија.
„Одржувањето на предвремени избори за Меџлисот и маслихатите е диктирано од логиката на уставните реформи, поддржани од граѓаните на национален референдум. Врз основа на резултатите, нашата земја се префрли на нови, пофер и конкурентни правила за избор на претставници на власта“, рече казахстанскиот претседател.
Токаев, исто така, истакна дека 70 отсто од пратениците на Меџлисот ќе бидат избрани од партиските листи, додека 30 отсто од едномандатните изборни единици. Гласањето за маслихатите од регионите и градовите ќе се одржи и врз основа на мешан изборен систем.
„Новиот модел за формирање на Меџлисот и маслихатите целосно ќе ги заштити интересите на гласачите и на национално и на регионално ниво, и ќе обезбеди поширок опсег на погледи во претставничките тела на власта. Ова ќе создаде поволни услови за понатамошен развој на граѓанското општество“, посочи Токаев.
Тој, исто така, додаде дека Централната изборна комисија и Јавното обвинителство ќе го контролираат набљудувањето на изборите, транспарентноста и непристрасноста, а изборниот процес ќе биде внимателно следен од домашни и меѓународни набљудувачи.
„Влеговме во нова ера во развојот на Казахстан. Земјата минува низ динамичен и сеопфатен процес на обнова. Овие избори ќе станат олицетворение на промените што се случуваат во општеството и ќе дадат моќен поттик за понатамошна модернизација на нашиот политички систем“, нагласи казахстанскиот претседател.