Ahmet Gençtürk
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Мултилатерализмот е најдобриот одговор на проблемите со кои се соочува светот, рече италијанскиот премиер Марио Драги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Драги со свое обраќање го отвори самитот на земјите од Г20 во Рим и го истакна значењето на заемното работење со цел решавање на глобалните проблеми, вклучително и на пандемијата со коронавирусот, климатските промени и фер и правичното оданочување.
Според соопштението на италијанската Влада, Драги го истакнува мултилатерализмот како единствениот можен одговор од многу аспекти.
„Мораме да направиме сè за да ги надминеме нашите разлики“, рече Драги, искажувајќи оптимизам дека закрепнувањето од здравствените и економските ефекти на пандемијата е веќе на пат.
Драги истакна дека успешните кампањи за вакцинација и координираната акција од владите и централните банки ѝ дозволиле на глобалната економија да се поврати.
Тој сепак предупреди дека пандемијата не е завршена и дека има диспаритети во глобалната дистрибуција на вакцини.
Посочувајќи дека повеќе од 70 проценти од популацијата во државите со високи примања имаат примено најмалку една доза од вакцините, додека таа стапка во сиромашните земји е околу 3 проценти, Драги рече: „Овие разлики се морално неприфатливи и го ослабнуваат глобалното закрепнување.“
Тој нагласи дека светот мора да продолжи да инвестира во истражувања и да ги елиминира трговските бариери што влијаат на вакцините против Ковид-19 и да се подобри начинот на нивната испорака.
Драги ја истакна потребата за зајакнување на синџирите на снабдување додека се проширува капацитетот на производството на вакцините на локално и на регионално ниво за ефективна глобална борба против пандемијата.
Самитот на Г20 2021, што ги собра лидерите на 20-те водечки светски економии и претставниците на меѓународните организации, започна вчера во Рим.
Дводневниот самит, чиј домаќин и моментален претседавач е Италија, беше отворен од италијанскиот премиер Драги.
Групата од 20-те најголеми и најнапредни економии на самитот ќе се осврне на начините за справување со пандемијата на коронавирусот, начините за поттикнување на големо економско закрепнување и зајакнување на глобалната соработка за климатските активности.
На состаноците се очекува да стане збор и за мигрантската криза и за други геополитички прашања.