Ekip
26 Февруари 2023•Ажурирај: 27 Февруари 2023
РИМ (АА) - Најмалку 43 мигранти загинаа во бродоломот во близина на брегот на италијанскиот регион Калабрија, соопштија италијанските власти денес, пренесува Анадолу.
Италијанската крајбрежна стража соопшти дека околу 80 мигранти го преживеале бродоломот.
Властите ставуваат дека бројката на загинати може да се зголеми бидејќи според последните информации, бродот превезувал околу 200 луѓе.
Поголемиот дел од телата се пронајдени на бреговите на Стекато ди Кутро, летувалиште во покраината Кротоне, додека неколку тела се извлечени од водата, соопштија спасувачите.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, пловилото, во кое се наоѓале мигранти од Иран, Пакистан и Авганистан, удрило во карпа во разбрануваното море, по што потонало.
Трагедијата се случи само неколку дена откако италијанскиот Парламент го озакони владиниот декрет за воспоставување кодекс на делување за мигрантските хуманитарни бродови со образложение дека неконтролираната имиграција придонесува за експлоатација, принудна работа и криминал, додека Обединетите нации и хуманитарните здруженија сметаат дека тоа ќе ги загрози животите.
Новите правила се дел од напорите на премиерката Џорџа Мелони да го сузбие дејството на невладините спасувачки бродови, за кои италијанската Влада тврди дека само дополнително ги поттикнуваат луѓето да се одлучат на опасно патување од Африка преку Средоземното Море, за да пристигнат до Европската Унија.
Мелони изјави дека Владата „е определена да ги спречи заминувањата, а со тоа и трагедиите, и дека ќе продолжи да го прави тоа и понатаму, пред сѐ барајќи максимална соработка од земјите од кои доаѓаат мигрантите“.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пијантедоси, изјави дека најновата трагедија „покажува дека апсолутно е неопходна борбата против нерегуларната миграција, со која се занимаваат бескрупулозните шверцери за да се збогатат, организирајќи ги овие импровизирани патувања, со несоодветни чамци и во забранети услови“.
Тој повика да се тргне напред со секоја можна „иницијатива за блокирање на премините и да се избегне поттикнувањето на миграцијата“.