Ahmet Gençtürk
14 Декември 2023•Ажурирај: 15 Декември 2023
АТИНА (АА) - Европската Унија (ЕУ) треба да преземе акција со цел да ги спречи еврејските доселеници да им се закануваат и да ги напаѓаат Палестинците на Западниот Брег преку соодветни мерки, како што се санкциите и забраните за патување, изјави денес ирскиот премиер Лео Варакдар, јавува Анадолу.
„ЕУ треба да разгледа [воведување] санкции и забрани за патување за екстремистичките еврејски доселеници“, рече Варакдар за медиумите пред дводневниот состанок на Европскиот совет во Брисел.
„Ставот на европските земји за [тековниот израелско-палестински] конфликт се еволуира“, додаде тој, посочувајќи на тоа дека повеќе европски земји ја поддржале минатонеделната резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации за итен прекин на огнот во Газа, на која Ирска беше една од предлагачите.
„Сега многу млади Европејци и Американци силно сочувствуваат со Палестинците и нивните страдања, а европските влади мора да го земат предвид тоа“, рече тој.
„Овде станува збор и за кредибилитетот на ЕУ“, додаде тој, велејќи дека Унијата треба да заземе непристрасен став со фокус на страдањата во Газа додека го осудува Хамас.
„ЕУ треба да застане зад напорите за мировен процес кој вклучува создавање палестинска држава во рамките на дводржавното решение“, повика тој.
Исто така, говорејќи за медиумите, белгискиот премиер Александар Де Кро рече дека е неопходен прекин на огнот во Газа за да стигне хуманитарната помош до енклавата, додавајќи дека „непотребното убивање“ мора да престане.
Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, во израелските напади загинати се најмалку 18.608 Палестинци, а 50.594 се повредени, според здравствените власти во Газа.
Според официјалните податоци, бројот на загинати Израелци во нападот на Хамас изнесува 1.200, а околу 139 заложници остануваат во заробеништво.