Ahmet Dursun
02 Август 2022•Ажурирај: 03 Август 2022
АНКАРА (АА) - Иран соопшти дека одлучно и брзо ќе одговори на новите санкции на Соединетите Американски Држави (САД) насочени кон нафтата на земјата и ќе ги преземе сите неопходни мерки за отстранување на можните ефекти од санкциите врз економијата и трговијата на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Насир Кенани, портпаролот на Министерството за надворешни работи, во писмено соопштение реагираше на додавањето на списокот со санкции од страна на Вашингтон на шест компании кои ја поддржуваат трговијата со нафта и петрохемиски производи од Техеран.
Наведувајќи дека САД не се двоумат да воведат санкции насочени кон економијата на земјата и покрај меѓународните напори за рестартирање на нуклеарните преговори, Кенани додаде дека новите санкции се „показатели на тоа дека Белата куќа стана зависник од санкции“.
Тој потсети дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден претходно политиката на поранешниот претседател Доналд Трамп постојано ја критикувала како политика на максимален притисок и како неуспешна, Кенани нагласи дека Бајден ја продолжил истата политика, па дури и ја проширил.
„Иран ќе одговори одлучно и брзо на инсистирањето на Белата куќа за санкции и ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги елиминира можните ефекти од санкциите врз економијата и трговијата на земјата“, посочи Кенани.
Американскиот Стејт департмент и Министерството за финансии во вчерашната изјава соопштија дека на листата на санкции ставени се шест компании, четири во Хонг Конг, една во Сингапур и една во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои помагаат во извозот на иранска нафта и петрохемиски производи во Источна Азија.