Ahmet Dursun
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иранските власти испратија барање до Интерпол за распишување црвена потерница за 48 американски официјални лица, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, што се товарат за вмешаност во атентатот на генералот Касам Сулејмани, јавува Агенција Анадолија (AA).
Портпаролот на иранското правосудство, Гулам Хусеин Исмаили, во Техеран изјави дека истрагата за убиството на командантот на елитната единица на Иранската револуционерна гарда, Сулејмани, се води во соработка со шест држави, меѓу кои и Ирак.
„Утврдено е дека во убиството на Сулејмани се вмешани 48 лица, меѓу кои и претседателот на САД како првообвинет, потоа командантите и претставниците на Пентагон и американските војници во регионот“, рече Исмаили.
Тој соопшти дека Иран побарал од Интерпол да распише меѓународна црвена потерница за осомничените.
Командантот на елитната иранска единица „Кудс“, генерал Сулејмани, беше убиен на 3 јануари минатата година во воздушен напад извршен во Багдад од американските сили. Во нападот убиени беа десет лица.