Ahmet Dursun
16 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
АНКАРА
Инстаграм ги затвори профилите на високи команданти на Иран, меѓу кои и на началникот на Генералштабот на иранската војска, генерал-мајорот Мухамед Бакири, откако администрацијата на САД официјално ја стави на листата на странски терористички групи Војската на иранската револуционерна гарда, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу високите команданти на Иран, чии профили на Инстаграм се затворени, се наоѓаат началникот на Генералштабот на иранската војска, Бакири, командантот на Револуционерната гарда, Мухамед Али Џафери, шефот за човечки ресурси на Вооружените сили, Муса Кемали, како и поранешниот претседател на Радио-телевизијата на оваа земја, Изетула Зергами, кој извесно време служеше во Револуционерната гарда.
Шефот за човечки ресурси на Вооружените сили, Муса Кемали, во врска со затворањето на профилите на иранските команданти, истакна дека профилите на Инстаграм биле затворени, како што истакна, од страна на ционистите.
Меѓу другото, Инстаграм денеска го затвори и профилот на командантот на силите на Кудс, Касим Сулејмани, кој ги врши военоразузнавачките операции на Војската на револуционерната гарда во странство. Неговиот профил имаше 888.000 следбеници.
Инаку, претседателот на САД, Доналд Трамп, на 8 април соопшти дека Војската на иранската револуционерна гарда е ставена во листата на САД за странски терористички организации, а како одговор на тоа, Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопшти дека ја ставила американската Централна команда (CENTCOM) на листата на терористички организации.
Одлуката на администрацијата на САД вчера официјано стапи во сила.
Иранските медиуми вчера објавија тврдења дека Инстаграм дал поддршка на политиката на Трамп за зголемувањето на тензиите со Иран, додека од Инстаграм сѐ уште не дадоа изјава околу тоа.