Hayati Nupus
30 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ЏАКАРТА (АА) - Индонезија ја прошири областа за пребарување на жртвите од авионската несреќа која се случи вчера, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на Националната агенција за пребарување и спасување „Басарнас“ во Џакарта, Мухамед Сјауги, изјави дека областа за пребарување која првично изнесувала 9,26 километри од Танџунг Караванг, е проширена на 18,52 километри.
Тимот спроведува потрага по жртвите од патничкиот авион со 189 лица, кој се урна вчера во морето, кај индонезиската покраина Западна Јава.
Авионот од типот „JT 610“ на индонезиската компанија „Лајон ер“ (Lion Air) во 6:33 часот по локално време загубил контакт со радарот, за време на редовната линија на релацијата Џакарта - Пангкал Пинанг.
„Досега, „Басарнас“ извади тела, делови од тела, остатоци од авионот и лични предмети во 26 ќеси“, изјави Сјауги.
„Басарнас“ распореди 150 лица, вклучително и тим од 30 нуркачи, додека индонезиската воена и национална полиција, исто така распореди 150 лица.
Во моментот нуркачите вршат претрага на длабочина од 35 метри. Потрага по остатоците се врши и со сондата за мапирање на дното.
Сјауги изјави дека доколку се пронајде трупот на авионот, можат да бидат пронајдени повеќе жртви, а може да биде лоцирана и црната кутија.
„Обично, црната кутија не се наоѓа далеку од трупот на авионот“, изјави тој.