Ekipa
11 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) - Во земјотресот што го погоди индонезискиот остров Јава загинаа најмалку три лица, а предизвикана е и материјална штета на објектите, само две недели откако катастрофалниот земјотрес и цунами го погодија островот Сулавеси, пренесува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата за справување со катастрофи на Индонезија соопшти дека земјотресот, што се случил во ноќните часови, бил со епицентар под морето, 55 километри од градот Ситубондо, а се почувствувал и во Ломнок. Од Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (САД) објавија дека земјотресот бил со јачина од 6 степени по Рихтеровата скала.
Индонезиската агенција наведе дека најмногу е погодено подрачјето во округот Суменеп во провинцијата Источна Јава, каде што во едно село загинале три лица, а оштетени биле и неколку куќи.
„Земјотресот го почувствуваа и жителите на Сунепеп и Ситубондо во траење од две до пет секунди. Луѓето избегаа од своите домови, а во другите подрачја земјотресот се почувствувал умерено“, соопштија од Агенцијата за справување со катастрофи на Индонезија.
Индонезија и понатаму закрепнува од земјотресот и цунамито во кои загинаа над 2.000 луѓе, а се смета дека уште неколку илјади се затрупани под урнатините и калта во некои населби во градот Палу во провинцијата Централен Сулавеси.
Сутопо Пурво Нугрохо, портпаролот на Агенцијата за справување со катастрофи на Индонезија, вчера истакна дека бројот на жртви во земјотресот и цунамито од 28 септември пораснал на 2.045 лица, и дека најголем број од смртните случаи се регистрирни во градот Палу. Додаде дека над 80.000 лица се со привремено сместување.