Ekipa
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
ЏАКАРТА (АА) - Бројот на жртвите во ерупцијата на вулканот во западниот дел на Индонезија се зголеми на шест, бидејќи спасувачките служби пронашле тела на уште тројца загинати, соопштија локалните власти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сутопо Пурво Нугрохо, порпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи изјави дека на планината Синабунг во Северна Суматра вулканот вчера во воздухот исфрлил облак пепел во висина од три километри.
Сите жртви во вчерашната ерупција работеле на своите фарми во селото Гамбер, одалечено околу четири километри од падините или опасните зони.
На фотографиите и видео снимките од местото на ерупцијата можат да се видат загинати домашни животни прекриени со вулкански пепел. Околу нив се гледаат запалени куќи и вегетацијата. Војниците поставуваа барикади и луѓето ги носеа своите работи и домашни животни на безбедно.
Нугрохо изјави дека војниците, полицајците, припадниците на службите за вонредни состојби, како и доброволците и селаните трагаат по можни преживеани.
Вулканот кој се наоѓа на планината Синабунг беше неактиван скоро еден век, а во 2010 година и 2013 година повторно се активира. Оттогаш вулканот исфрла пепел и гасови до неколку стотини метри во височина. Поради честите ерупции, илјадници луѓе се евакуирани или отселени од загрозените подрачја. Индонезија се наоѓа во „Огнениот пацифички прстен” и спаѓа меѓу земјите со најмногу активни вулкани во светот.