Ekipa
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
ТУБАН (АА) - Бројот на жртвите во поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикани од обилните врнежи од дожд во централниот дел на индонезискиот остров Јава се зголеми на 23, јавува Anadolu Agency (AA).
Вилем Рампангилеи, директор на Националната агенција за справување со катастрофи, во соопштението вели дека 18 лица, меѓу кои четири деца, сѐ уште се водат за исчезнати.
„Во меѓувреме, стотици раселени се наоѓаат во воена база и се во добра здравствена состојба. Соодветно се згрижени, имаат храна и чиста вода“, додаде Рампангилеи.
Меѓу дваесет и тројцата кои загинаа и беа идентификувани, девет се деца.
Според Рампангилеи, предвидувањата велат дека поројните дождови ќе продолжат сѐ додека не се достигне кулминација во јануари, поради временскиот феномен „Ла Ниња“.
„Луѓето ги охрабруваме да продолжат да ја подигаат свеста за опасноста од поплави и лизгање на земјиштето“, рече Рампангилеи.
Во јуни, во поплави и лизгање на земјиштето на Јава и на Сулавеси загинаа повеќе од 60 луѓе.
Сезонските дождови често предизвикуваат поплави и лизгање на земјиштето во Индонезија, која е архипелаг од над 17.000 острови. Во неа, милиони луѓе живеат во планинските области или во рамнините во близина на реките.