свет

Индија и САД потпишаа 10-годишен договор во одбраната

- Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека договорот бил потпишан за време на неговата средба со индискиот министер за одбрана, Раџнат Синг, во главниот град на Малезија, Куала Лумпур.

Islam Uddin  | 31.10.2025 - Обновена : 01.11.2025
Индија и САД потпишаа 10-годишен договор во одбраната

АНКАРА (АА) – САД и Индија денес потпишаа десетгодишна рамка за одбранбена соработка, соопштија министрите за одбрана на двете земји, јавува Анадолу.

Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека договорот бил потпишан за време на неговата средба со индискиот министер за одбрана, Раџнат Синг, во главниот град на Малезија, Куала Лумпур.

„Штотуку се сретнав со Раџнат Синг за да потпишеме десетгодишен договор за одбранбено партнерство меѓу САД и Индија. Овој договор го унапредува нашето партнерство во одбраната, кое е темел на регионалната стабилност и одвраќањето од закани. Го подобруваме нашето усогласување, размената на информации и технолошката соработка. Нашите одбранбени врски никогаш не биле посилни“, напиша Хегсет на американската платформа за социјални медиуми Х по средбата.

Од своја страна, Синг ја оцени средбата како „плодна“ и изјави дека потпишаниот документ — „Рамка за стратешко одбранбено партнерство Индија – САД“ — ќе отвори нова ера во билатералните односи.

„Оваа рамка ќе обезбеди насоки за сите аспекти на одбранбената соработка меѓу Индија и САД. Таа е доказ за нашето растечко стратешко усогласување и ќе означи почеток на нова деценија на партнерство“, изјави Синг во својата објава на Х.

Тој додаде дека одбранбената соработка ќе продолжи да биде еден од главните столбови на билатералните односи меѓу двете земји, нагласувајќи дека партнерството е „критично за обезбедување слободен, отворен и врз правила заснован Индо-Пацифички Регион.“

Хегсет и Синг престојуваат во Малезија по повод дводневниот состанок на министрите за одбрана на АСЕАН.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.