Ahmet Salih Alacacı
11 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
КОПЕНХАГЕН (АА) - Вчера во Данска беа одржани масовни протести поради плановите на Владата да ги испрати бегалците и мигрантите на оддалечен остров, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите беа одржани по повод 70. годишнина од усвојувањето на Општата декларација за човекови права.
Илјадници демонстранти се собраа на протестите одржани во двата најголеми града на Данска, Копенхаген и Орхус, и бараа од Владата да се откаже од плановите за испраќање на бегалците и мигрантите на југоисточниот остров Линдхолм.
Во демонстрациите учествуваа девет невладини организации, вклучувајќи ги „ActionAid Denmark (Mellemfolkeligt Samvirke)“, „Amnesty International“ и „Save the Children“.
Повикувајќи ја Владата да го укине застојот на бегалците кои доаѓаат во земјата преку квотите на ОН, генералниот секретар на „ActionAid Denmark“, Тим Вајт, за АА изјави дека најавената одлука за праќање на мигрантите на островот Линдхолм е фундаментална грешка.
Данската Влада планира да воспостави „излезен (exit) центар“ за бегалците на островот Линдхолм, кој има вкупна површина од 7 хектари, а кој претходно е користен од страна на Техничкиот универзитет на Данска како полигон за испитување на заразните болести на животните.