Kaamil Ahmed
18 Септември 2016•Ажурирај: 18 Септември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел распореди дополнителни сили во Хеброн, најголемиот град на окупираниот Западен Брег, наводно како одговор на порастот на нападите за време на викендот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во согласност со проценките на ситуацијата по неодамнешните терористички напади, израелските одбранбени сили распоредија баталјон поради зајакнување на безбедноста во подрачјето на Хеброн”, се наведува во соопштението на израелската војска.
Израелската војска од петокот уби тројца Палестинци кои наводно извршиле напад со нож и ги оштетиле нивните возила во Хеброн и околината. Исто така, во сличен инцидент во Источен Ерусалим во петокот е убиен јордански државјанин.
Последниот инцидент се случил утринава во близина на населбата Ефрат на Западниот Брег, кога израелската војска убила осомничен напаѓач, кој, како што наведоа, претходно ранил нивен припадник.
Израелската војска исто така воведе блокада на градот Хеброн и околното подрачје откако двајца Палестинци се обвинети за напади со ладно оружје во израелската населба Кирјат Арба.
Од октомври минатата година, убиени се над 200 Палестинци во судири со изралеските безбедносни сили или под обвинение за наводни напади врз Изралците. Во слични судири загинаа и 35 Израелци.