Ekipa
27 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
ПАРИЗ (АА) - Француската екстремно десничарска партија „Национален фронт“ постигна значителен успех на изборите за Европскиот парламент (ЕП), покажуваат неофицијалните резултати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според анкетата за излезност на агенцијата „Ипсос“, партијата на Ле Пен обезбеди 23,3 отсто од гласовите со 22-24 места во Парламентот, додека владејачката „Република, напред“ на францускиот претседател Емануел Макрон освои 22,1 отсто од гласовите со 21-23 места.
Европската еколошка партија „Зелени“ е на третото место, освојувајќи 12,7 отсто од гласовите со 12-13 места, додека конзервативната партија „Лес републикан“ (Републиканци) освои 8,3 отсто од гласовите, односно 8-9 места.
По неа следуваат Социјалистичката партија (PS) и левичарската партија Непокорена Франција (LFI), кои освоија 6-7 места.
Одѕивот, кој се проценува на 50,5 отсто, беше речиси 9 поени повисок од претходните избори за Европскиот парламент во 2014 година.
„Ипсос“ е независна компанија за спроведување истражувања на пазарот, основана во 1975 година, со седиште во Париз.
- Социјалистите победија во Шпанија и Португалија -
Неофицијалните резултати во Шпанија покажуваат дека „Социјалистичката работничка партија“ (PSOE) постигна голем успех на изборите со 18 од 54-те места за земјата во ЕП, додека конзервативната „Народна партија“ обезбеди 11-12 места, според локалните медиуми.
Крајнодесничарската партија „Вокс“ доби 4-5 места, додека централнодесничарската партија „Сиудаданос“ (Граѓани) освои 8-9 места.
Левичарскиот сојуз „Унидас Подемос“ освои 7 места во Европскиот парламент.
Партијата „Хунтс пер Каталуња“ (Заедно за Каталонија) и Републиканската каталонска левичарска партија обезбедија 4-5 места на изборите.
Карлс Пуџдемон, каталонскиот сепаратистички лидер, кој е во егзил во Белгија, и лидерот на втората по големина сепаратистичка партија и поранешен потпретседател, Ориол Жункерас, освоија места во Парламентот на ЕУ.
Во Португалија, најголемата опозициска Социјалистичка партија (PS) води на изборите со над 30 отсто од гласовите, според неофицијалните резултати.
Европскиот парламент (ЕП) брои вкупно 751 пратеничко место. Изборите за ЕП се одржуваат на секои пет години. На изборите во 2014 година излегоа само 42 отсто од гласачите.
Функционирајќи како законодавно тело на Унијата, Европскиот парламент, заедно со Советот на Европската Унија, ги потврдува и ги одобрува законите и буџетот на Унијата.