АНКАРА
Седум американски држави се избалансирани во гласањето за избор на претседател, за чија кандидатура се борат актуелниот претседател Доналд Трамп и неговиот противкандидат Џо Бајден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Пенсилванија, клучната „колеблива држава“ (swing state), Трамп води пред Бајден со 55,7 отсто наспроти 43,1 отсто, со повеќе од 75,2 отсто од гласовите досега пријавени за 20-те изборни гласови на државата, според американскиот новински портал „Риал клиар политикс“ (RealClearPolitics).
Сепак, аналитичарите велат дека предвремените гласови и гласачките ливчиња по пошта во земјата треба допрва да се пребројат, при што се очекува да ја намалат разликата во корист на Бајден.
Трамп утринава побара да се запре пребројувањето на гласовите, прогласувајќи победа, и тврдејќи дека постои „голема измама“, но демократите велат дека тоа е стандардна правна практика во Пенсилванија и во другите држави ќе продолжат да бројат со денови потоа.
Во Мичиген, уште една клучна држава, Трамп води со 51,5 отсто наспроти 46,9 отсто на Бајден, со 78,9 отсто од гласовите на народот пријавени за 16-те изборни гласови на државата. Исто така слична загриженост постои со гласачките ливчиња по пошта и предвремените гласања.
Трамп е блиску до победа во Џорџија со 50,5 отсто наспроти 48,3 отсто на Бајден, со пријавени 99,4 отсто од гласовите во земјата која има 16 изборни гласови.
Претседателот, исто така, изгледа дека со сигурност ќе ја освои победата во Северна Каролина, со 50,1 отсто од гласовите на народот наспроти 48,7 отсто на Бајден, бидејќи податоците на „Риал клиар политикс“ покажуваат дека се преброени сите гласови во државата, која има 15 изборни гласови.
Во Винсконсин во Горниот Среден Запад, која има 10 изборни гласови, Бајден за мала разлика води пред Трамп со 49,4 отсто од гласовите наспроти 49,1 отсто, со повеќе од 98,4 отсто од гласовите пријавени досега.
Во западната држава Невада, со 6 изборни гласови, Бајден повторно беше пред Трамп со 50 отсто наспроти 47,9 отсто, иако досега се пријавени само 69,9 отсто од гласовите.
И во Алјаска, со 3 изборни гласа, Трамп беше далеку пред Бајден со 63 отсто наспроти 33,1 отсто, но пријавени се само 45,7% од гласовите.
Според „Асошиејтед прес“ (Associated Press), Трамп ја освои клучната држава Флорида заедно со поголем дел на југот, западот и средниот запад на земјата, вклучително и Јужна Каролина, Западна Вирџинија, Кентаки, Индијана, Тенеси, Алабама, Мисисипи, Арканзас, Луизијана, Мисури, Оклахома, Охајо, Тексас, Ајова, Канзас, Небраска, Северна и Јужна Дакота, Вајоминг, Монтана, Ајдахо и Јута.
Бајден победи на источниот, североисточниот и западниот брег на САД, вклучувајќи ги Вирџинија, Мериленд, Њу Џерси, Њујорк, Конектикат, Масачусетс, Вермонт, Hу Хемпшир, Мејн, Вашингтон, Орегон и Калифорнија, како и во Минесота, Илиноис, Аризона, Хаваи, Колорадо и Ново Мексико.
Досега, Бајден води во однос на Трамп со 238:213 во Изборниот колегиум. Кандидатот што ќе освои 270 делегати, се здобива со правото да биде претседател.