Ata Ufuk Şeker
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
БРИСЕЛ (АА) - Земјите членки на НАТО ќе одвојат вкупно 984 милијарди 234 милиони долари за одбрана во 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
НАТО ги објави податоците за трошоците за одбрана на земјите членки предвидени за 2019 година.
Според нив, вкупните трошоци за одбраната на земјите членки на НАТО во 2019 година ќе се зголемат за 3,9 отсто во споредба со претходната година, и ќе изнесуваат 984 милијарди 234 милиони долари.
За време на овој период, Соединетите Американски Држави (САД) најмногу ќе ги зголемат трошоците за одбрана помеѓу земјите членки на НАТО. САД со 685 милијарди 99 милиони долари самите ќе преземат околу 70 отсто од вкупните трошоци за одбрана на НАТО.
Потоа следуваат Велика Британија со 65 милијарди 527 милиони долари, Германија со 49 милијарди 132 милиони долари, Франција со 47 милијарди 705 милиони долари, Италија со 23 милијарди 281 милион долари и Канада со 21 милијарда 277 милиони.
Турција, во 2019 година за одбраната ќе потроши вкупно 18 милијарди долари.
Во 2019 година, САД ќе потрошат 3,42 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната. САД ќе ги следат Грција со 2,24 отсто, Естонија и Англија со 2,13 отсто, Романија со 2,04 отсто, Полска и Латвија со 2,01 отсто.
Во овој период, Турција ќе потроши 1,89 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната. Потоа следува Франција со 1,84 проценти, Германија со 1,36 отсто, Холандија со 1,35 отсто и Италија со 1,22 отсто.
Меѓу земјите членки на НАТО, најмал дел од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната ќе одвојат Луксембург со 0,55 отсто, Шпанија со 0,92 отсто и Белгија со 0,93 отсто.
Членовите на НАТО се обврзаа да инвестираат во одбраната на Велшкиот самит во 2014 година. Нелегалната руска анексија на Крим, нејзиниот агресивен став во Украина и зголемените активности на терористичката организација ДЕАШ во Сирија и Ирак беа причина земјите членки на Алијансата да ја донесат таа одлука.