Burak Dağ
23 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
КИЕВ (АА) - Руската воена операција во Украина е само почеток, бидејќи Москва сака да покори и други земји, предупреди Владимир Зеленски, претседателот на Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Руската инвазија врз Украина беше замислена само како почеток, по што сакаат да заземат и други земји. Се разбира, ќе се браниме колку што ќе биде потребно за да ја разбиеме оваа амбиција на Руската Федерација“, вели Зеленски во видеото обраќајќи ѝ се на нацијата.
Повикувајќи ги земјите што останаа неутрални додека продолжува војната на Русија врз Украина, Зеленски рече дека Украина „е прва на овој пат“.
Тврдејќи дека цел на руската Војска е да ја преземе контролата над југот на Украина, Зеленски во видеото истакна:
„Се прошири вест дека нивна задача сега е наводно да воспостават контрола над јужната украинска граница и по должината на целата граница со Молдавија.“
Претседателот на Украина вели дека сите земји и нации кои веруваат во победа на животот над смртта треба да застанат покрај Украина.
Тој им се заблагодари и на украинските партнери кои го испорачаа оружјето што Киев го сакаше.
„Благодарен сум им на сите наши партнери кои конечно нѐ слушнаа, кои ни го дадоа токму она што го баравме“, рече Зеленски.
Зеленски исто така ги повика Украинците на териториите што ги контролира руската Војска да им се спротивстават на руските сили.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика голема меѓународна осуда и доведе до воведување финансиски санкции кон Москва, по што следуваше заминување на голем број глобални компании од Русија.
Најмалку 2.435 цивили се убиени, а 2.946 се ранети во Украина од почетокот на војната, проценуваат Обединетите нации, но се стравува дека реалниот број на загинати е многу поголем. Повеќе од 5 милиони Украинци избегаа во други земји, а над 7 милиони се интерно раселени, соопшти Агенцијата на ОН за бегалци.