Gorana Jakovljevic
25 Октомври 2022•Ажурирај: 25 Октомври 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, во обраќањето преку видеолинк на состанокот на претседателите на парламентите на земјите од Кримската платформа рече дека украинското знаме повторно ќе се вее на Крим, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот парламентарен самит на Кримската платформа се одржува во главниот град на Република Хрватска, Загреб, во организација на Хрватска и Украина.
Во своето обраќање од Киев, Зеленски се заблагодари за поддршката за Украина и за Крим.
„Тоа е она што нè обедини на последниот самит, нашите заеднички вредности и затоа соработуваме на различни нивоа, што за жал недостасуваше во 2014 година кога Русија ја започна својата луда агресија, почна со Крим и по речиси осум години сега речиси сите земји ги чувствуваат последиците од таа агресија, сите страдаат. Светот губи, а причината за сето тоа е окупацијата на Крим во 2014 година“, рече Зеленски.
Тој истакна дека илјадници Украинци ги загубиле животите, дека Русите ги мачат, трауматизираат и убиваат без разлика на возраста, бидејќи убиваат деца, жени и постари лица.
„Тоа е најлошиот напад на цивилизацијата долго време, сè започна со окупацијата на Крим, а сега се прошири на целиот свет. Светот стана посурово место каде Русија може да предизвика глад, бидејќи тие забранија слободна пловидба и стопирање на слободниот извоз, што за светот е многу важно“, рече Зеленски и додаде дека Русија ја уништува стабилноста на Блискиот Исток и Северна Африка, бидејќи Крим е стратешка тврдина, а светот станал место за уцена.
Според неговите зборови, Русија сега го уценува целиот свет и тврди дека Крим е нивен од 2014 година.
„Но, сега сме тука да покажеме дека она што се случуваше на Крим беше привремено, дека оваа окупација е привремена. Украинското знаме повторно ќе се вее на Крим, Крим ќе биде ослободен и само тогаш светот ќе почувствува дека војната завршила и луѓето ќе почувствуваат дека светот станал безбеден“, рече Зеленски.
Тој истакна дека по победата ќе ја обнови цела Украина.
„Потребни ни се три работи во овие тешки моменти, за обновување на нашиот територијален интегритет. Потребна ни е воена поддршка, финансиска поддршка и санкции и ве молам да го направите тоа и да ги зајакнете вашите напори, да го направите тоа бидејќи тоа е основата за иден мир“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по враќањето на законски признаените граници на Украина ќе биде потребно искуство, што ќе му помогне на Крим да стане нормално место за живеење, и затоа соработката мора да се одржи откако ќе го вратат територијалниот интегритет. Тој ги повика учесниците на состанокот да ветат дека ќе го посетат ослободениот Крим.