Ekip
17 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Австралискиот премиер Ентони Албаниз денеска потврди дека украинскиот претседател Владимир Зеленски го повикал да го посети Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе ги прифатам соодветните совети и очигледно постојат и безбедносни прашања во однос на таквата посета“, им рече Албаниз на новинарите по неговиот прв состанок на Кабинетот, според транскриптот објавен од неговата канцеларија.
„Го ценам духот во кој таа покана е понудена“, истакна премиер Албаниз.
Тој додаде дека неговата земја ѝ дала поддршка на Украина во одбраната на нејзиниот национален суверенитет против Русија.
„Ние ќе продолжиме да бидеме со народот на Украина“, додаде тој.
Лидерите од Франција, Германија, Италија и Романија во четвртокот го посетија Киев и се сретнаа со Зеленски.
Во меѓувреме, Русија санкционира 121 австралиски државјанин, вклучително и премиерот на Јужна Австралија, Петер Малинаускас.
„Многу сум благодарен за фактот што Владимир Путин посвети внимание на водечката улога што Јужна Австралија ја игра во обидот да застане во одбрана на демократските вредности што ние колективно како земја ги чуваме“, рече Малинаускас додека зборуваше со новинарите покрај премиерот Албаниз.
„Мојата влада се обиде да направи голем број работи за да испрати многу јасна порака дека народот на Јужна Австралија цврсто стои со Украина, како и секоја држава и територија, и јас сум само благодарен за фактот што Владимир Путин го забележа тоа“, додаде тој.