Fuat Kabakcı
23 Декември 2020•Ажурирај: 24 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Откриено е дека загадувањето на воздухот во Индија е причина за смртта на 1,67 милиони лица минатата година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Експертите на Медицинскиот истражувачки совет на Индија, Фондот за јавно здравје на Индија и Глобалната опсерваторија за здравје и загадување на Колеџот „Бостон“ ги истражувале ефектите од загадувањето на воздухот врз загубата на животи и материјалната штета во земјата.
Според добиените резултати од ова истражување, минатата година во Индија поради загадувањето на воздухот животот го загубиле 1,67 милиони лица, а причинета е финансиска загуба од 36,8 милијарди долари.
Починатите поради загадувањето на воздухот во Индија претставуваат 17,8 % од вкупниот број смртни случаи во земјата минатата година.
Финансиската загуба претставува 1,36 % од бруто домашниот производ на земјата.
Цената на заболувањата и смртните случаи предизвикани од честичките, кои се причина за загадувањето на воздухот, врз здравствениот систем на земјата изнесува 12 милијарди долари.
Во истражувањето, во кое се наведува дека загубите предизвикани од загадувањето ќе спречат економијата на земјата да го достигне зголемувањето од 5 билиони долари во 2024 година, се додава: „Успешното намалување на загадувањето на воздухот во Индија ќе овозможи значителен придонес и за економијата и за јавното здравство во земјата.“
Епидемиологот Филип Џон Ландриган од Колеџот „Бостон“, водач на истражувачкиот тим, изјави дека негативните последици во земјата ќе бидат долгорочни сè додека не се вложат напори за намалување на влијанието од загадувањето на воздухот во Индија, со население од 1,35 милијарди луѓе.
Ландриган посочи дека загадувањето ќе има длабоки ефекти врз следната генерација на Индија и додаде дека овие ефекти кај денешните деца ќе го зголемат ризикот да развијат дијабетес, срцеви и респираторни заболувања кога ќе станат возрасни.
Предупредувајќи дека загадувањето ќе предизвика и пад на нивото од коефициентот на интелигенција (IQ) кај децата, Ландриган рече: „Ако тие не сторат нешто за да го решат проблемот, на Индија ќе ѝ биде многу тешко да напредува од социјален и економски аспект.“
Наодите од оваа студија се објавени во списанието „Lancet Planetary Health“.
- Во Индија се наоѓаат 21 од 30 градови со најголемо загадување на воздухот во светот -
„Ервижуал“ (AirVisual), меѓународна организација за мерење на загадувањето на воздухот со седиште во Швајцарија, на 25 февруари го објави Светскиот извештај за квалитетот на воздухот.
Во извештајот се наведува дека 21 град од Индија се наоѓаат меѓу 30-те градови со најголема вредност на индикаторот PM 2,5, кој укажува на количината на микрочестички во атмосферата.