Nuran Erkul Kaya
05 Јули 2021•Ажурирај: 06 Јули 2021
ИСТАНБУЛ
Меѓународната агенција за енергетика (IEA) соопшти дека побарувачката на гас се зголемува низ светот и дека треба да се спроведат силни политики за ограничување на побарувачката, со цел да се достигнат нулта емисии од штетни гасови до 2050 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот за пазарот на гас на Меѓународната агенција за енергетика (IEA), минатата година глобалната побарувачка за природен гас се намалила за 1,9 проценти како резултат на преземените мерки за спречување на епидемијата на Ковид-19.
Поради намалувањето на ефектите на пандемијата врз економијата, оваа година глобалната побарувачка за природен гас се очекува да се зголеми за 3,6 проценти.
Исто така, се очекува глобалната побарувачка за природен гас да порасне за 1,7 проценти годишно во периодот 2021-2024 година.
Со забрзувањето на економските активности, се проценува дека природниот гас во секторите за производство на електрична енергија, индустрија и транспорт ќе се употребува повеќе од јагленот и нафтата.
Според извештајот, за да се постигне целта за нулта емисии на штетни гасови до 2050 година, мора да се спроведат посилни политики за ограничување на побарувачката на гас.
Доколку растот на побарувачката не може да се спречи, се пресметува дека побарувачката за природен гас во светот ќе се зголеми за 7 проценти до 2024 година во споредба со нивото од пред епидемијата.
Од друга страна, се предвидува дека зголемувањето на побарувачката ќе биде исполнето главно од Русија и Блискиот Исток. Во САД се планираат нови инвестиции во производството на гас од шкрилци, со цел да се поддржи зголемениот извозен капацитет.
Доколку не се преземат неопходни чекори за да се намали побарувачката на гас на долг рок, се проценува дека може да се појават бранувања на пазарот и проблеми со безбедноста на снабдувањето до 2024 година.
Кеисуке Садамори, директор за енергетски пазари и безбедност на ИЕА, истакнувајќи дека треба да се спроведат силни политики за постигнување на целта за нулта емисија до 2050 година, рече: „Природниот гас треба ефикасно да се користи. Индустријата за гас треба значително да ги засили напорите за транзиција кон почисти гасови со малку јаглерод и да дејствува брзо и ефикасно за решавање на непотребните емисии на метан.“