Cüneyt Karadağ
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
БЕРЛИН (АА) - Две џамии во Германија беа цел на вандалски и исламофобични напади изминатиов викенд, јавува Anadolu Agency (AA).
Непознати напаѓачи ја каменуваа централната џамија во Касел и причинија поголема материјална штета на објектот.
Станува збор за џамија под закрила на Турската исламска заедница (DITIB), а претседателот на Џематскиот одбор, Сејфетин Ерјорук, рече дека нападот се случил во моменти кога во џамијата немало никој.
Турскиот конзул во Франкфурт, Бурак Карарти, го осуди нападот и ги повика германските власти да ги пронајдат и да ги процесуираат извршителите.
Паралелно со тоа, цел на вандалски напад беше и џамијата „Рахман“ во Бремен, во која најчесто на молитва доаѓаат Авганистанци и Пакистанци.
Напаѓачите искинале најмалку 50 Курани и неколку од нив фрлиле во тоалетот.
Нападот најостро го осуди пратеникот од Демохристијанската унија (CDU) во покраинскиот Парламент, Огузхан Јазиџи, кој ги повика властите да преземат мерки и адекватно да ги заштитат џамиите и синагогите.
За двата случаја надлежните обвинителства започнаа истраги, а претходно слични напади врз џамии во Германија изведуваа симпатизери и протагонисти на терористичката организација ПКК.