Selen Temizer
09 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) додаде уште 217 лица и 18 организации на листата за санкции кон Русија, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека меѓу 217-те лица кон кои се воведени санкции се наоѓаат високопозиционирани официјални претставници на Кремљ, олигарсите Моше Кантор, Борис Ротенберг и Олег Дерипаска, истакнати претприемачи од областа на енергетиката, финансиите, медиумите, одбраната и воената индустрија, како и „оние кои ги штитат дезинформациите“.
На листата се наоѓаат и членови на семејствата на лицата кои претходно се санкционирани. Меѓу нив се и Марија Владимировна Воронцова и Екатерина Владимировна Тихонова, ќерките на рускиот претседател.
Министрите на таканаречените „Народна Република Доњецк“ и „Народна Република Луганск“, како и членовите на „Народниот совет“ се меѓу лицата кои се наоѓаат на листата за санкции.
Меѓу 18-те организации се наоѓаат неколку од транспортниот сектор, четири руски банки (Банк Откритие, Новикомбанк, Совкомбанк и ВТБ), како и компании кои со својата технологија или производи играат значајна улога во воено-одбранбената индустрија.
ЕУ досега воведе санкции кон 1.091 лице и 80 организации. На лицата им се замрзнати имотите, а на државјаните на ЕУ и компаниите им е забрането да им пружаат средства. На овие лица им е забранет и влез во земјите на ЕУ, како и транзит низ нив.