Selen Temizer
10 Јуни 2021•Ажурирај: 11 Јуни 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ја повика руската Влада да ги исполни своите меѓународни обврски и заложби, при што забраната на активности на организациите поврзани со опозицискиот лидер Алексеј Навални ги опиша како „најсериозниот чекор“ направен за сузбивање на опозицијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава Советот на Европската Унија реагира на одлуката на судот во Русија за забрана на активностите на организациите поврзани со Навални.
„Вчера судот во Русија пресуди дека регионалните организации на Алексеј Навални се ‘екстремистички групи‘. Тоа е најсериозен обид на руската Влада да ја потисне независната опозиција, антикорупциските истражувања пред изборите во септември и да го отстрани влијанието од политичката мрежа на Навални“, се вели во писмената изјава.
Нагласувајќи дека одлуката е насочена кон човековите слободи и права, во соопштението се додава:
„Оваа одредба ќе има далекусежни последици за граѓанското општество, опозицијата и критичките гласови во Русија. Ја повикуваме руската Влада да ги исполни своите меѓународни обврски и заложби, вклучително и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Советот на Европа.“
Исто така, се наведува дека Навални треба да биде ослободен и дека руските власти ќе бидат одговорни за безбедноста и здравјето на Навални.
- Навални уапсен на 17 јануари -
Откако во Германија закрепна од труењето, Навални (44) е уапсен во Москва по враќањето во Русија на 17 јануари.
Руските власти соопштија дека ја прекршил условната слобода од пресудата од 2015 година за перење пари, за која Навални вели дека е полициски мотивирана.
Навални е во затвор во градот Владимир, близу Москва.
За организациите како што се Фондацијата за борба против корупција, Фондацијата за заштита на правата на граѓаните, основани од Навални, вчера беше донесена одлука дека се екстремистички.
Сите активности на овие организации, како што се дистрибуција на секаков вид информации, спроведување финансиски операции, учество на избори, организирање демонстрации, се забранети.