Ekipa
06 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) официјално го усвои осмиот пакет санкции против Русија како одговор на делумната мобилизација и анексија на украинските региони, објави денеска Европската комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овој пакет воведува нови забрани за увоз во ЕУ во вредност од 7 милијарди евра за да се ограничат приходите на Русија“, објасни извршното тело на ЕУ во изјавата за медиумите.
Мерките забрануваат увоз на руски готови и полупроизводи од челик, машини и апарати, пластика, возила, текстил, обувки, кожа, керамика, одредени хемиски производи и накит што не е златен.
„Пакетот, исто така, воведува извозни ограничувања кои понатаму ќе го лишат воениот и индустрискиот комплекс на Кремљ од клучните компоненти и технологии и руската економија од европски услуги и експертиза“, се додава во соопштението.
Во рамките на новите правила, не е дозволен извоз на специфични електронски компоненти пронајдени во руското оружје, технички предмети што се користат во воздухопловниот сектор, како и одредени хемикалии.
Мерките, исто така, забрануваат транспорт на нафта во земји кои не се членки на ЕУ над ценовната граница договорена од Групата седум (Г7) на земјите со најнапредни економии во светот.
Одлуката најмногу ја погодува бродската индустрија на Грција, Администрацијата на кипарските Грци и Малта.
Новиот пакет ја проширува црната листа со одговорните за мобилизацијата, вклучително и високи воени функционери и субјекти во одбранбениот сектор, како и луѓе вклучени во организирањето на референдумите во украинските региони и нивната анексија.
Од почетокот на руската војна против Украина во февруари, санкциите на ЕУ беа насочени, меѓу другото, кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, на забраната на увозот на руското злато, нафта и јаглен, како и на извозот на луксузни стоки и високотехнолошка технологија, а руските и белоруските банки беа исклучени од меѓународниот платежен систем СВИФТ.