Hasan Esen
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
БРИСЕЛ (АА) - Челниците на Европската Унија (ЕУ) порачаа дека вчерашниот референдум за независност во Каталонија не е во согласност со Уставот на Шпанија, но директно не го осудија насилството за време на интервенциите на полицијата, во кои беа повредени над 840 граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Европската комисија се наведува дека челникот на оваа институција, Жан-Клод Јункер, и претходно истакнуваше дека прашањето за референдумот во Каталонија е внатрешно прашање на Шпанија, и дека треба да се реши во согласност со уставниот поредок на земјата.
„Според Уставот на Шпанија, вчерашното гласање во Каталонија е нелегално“, се вели во соопштението.
Од Европската комисија исто така порачуваат дека во случај Владата на Шпанија да одобри и референдумот да резултира со одлука за отцепување, тој регион би останал надвор од Европската Унија.
„Ние сме убедени дека ова не е време за поделби, туку време за единство и за стабилност. Ги повикуваме сите страни што поскоро ги остават настрана конфронтациите и да започнат дијалог. Насилството не може да биде орудије во политиката“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Комисијата е убедена дека шпанскиот премиер Маријано Рахој процесот за решавање на кризата ќе го раководи во согласност со Уставот и со почитувањето на човековите права.