Agnes Szücs
04 Октомври 2023•Ажурирај: 05 Октомври 2023
БРИСЕЛ (АА) - Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) постигнаа договор што се смета за чекор напред кон реформата на политиката за миграција и азил на блокот, објави денес шпанското претседателство со ЕУ, пренесува Анадолу.
„Амбасадорите на ЕУ постигнаа договор за регулативата што се однесува на кризни ситуации и виша сила во областа на миграцијата и азилот“, објави шпанската Влада, која претседава со Советот на ЕУ.
Договорот се смета за чекор напред кон реформирањето на политиката на ЕУ за азил и миграција бидејќи земјите членки на ЕУ се силно поделени околу тоа како да се справат со кризни ситуации кога една земја од ЕУ ќе се најде под силен миграциски притисок по пристигнувањето на голем број неочекувани баратели на азил.
Деталите за договорот треба допрва да се соопштат.
Претходно потпретседателот на Европската комисија задолжен за пактот за миграција и азил, Маргаритис Схинас, предупреди дека на блокот му „истекува времето“ за реформи во миграциската политика и ги повика членките и пратениците на Европската Унија (ЕУ) да дадат зелено светло за новиот пакт на ЕУ за миграција и азил, јавува Анадолу.
Европската комисија го предложи таканаречениот Нов пакт за миграција и азил во 2020 година за да го надмине законодавниот „ќор-сокак“ со кој блокот се бореше од 2016 година, откако постигна договор за миграција со Туркије.
Правниот пакет, меѓу другото, воспоставува заедничка гранична процедура на ЕУ со брзи проверки за да се утврди дали мигрантите се подобни за меѓународна заштита пред да влезат во блокот и ги забрзува процедурите за враќање на оние чие барање е одбиено.
Исто така, наметнува задолжителна солидарност што ги обврзува земјите членки на ЕУ да примат баратели на азил доколку некоја земја од ЕУ се најде под силен миграциски притисок.
Пактот, исто така, се фокусира на воспоставување партнерства со земјите на потекло и транзит.
Нарекувајќи го договорот „последна компонента на заедничката европска политика за азил и миграција“, Советот на ЕУ соопшти дека новото законодавство ќе им овозможи на земјите на ЕУ „да применуваат специфични правила во врска со азилот и постапката за враќање“ во ситуација на криза или виша сила.
Меѓу другото, земјите би можеле да ја забрзаат и завршат процедурата за регистрација на барателите на азил во рок од четири недели за да го олеснат административниот товар.
Како најконтроверзен дел од законодавството, државите на ЕУ во криза можат да „бараат придонеси за солидарност од другите земји на ЕУ“, вклучително финансиска поддршка, преместување на барателите на азил или преземање на процедурите.
Договорот ќе ја постави основата за претставниците на Советот на ЕУ додека преговара за финалната легислатива со Европскиот парламент и Европската комисија.