Ekip?
29 Септември 2022•Ажурирај: 30 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Европската Унија (ЕУ) е подготвена да го натера Кремљ да плати „висока цена“ за последната ескалација на конфликтот во Украина со најава на анексија на четирите региони, изјави денеска претставничка на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Европската Унија нема да ги прифати овие лажни референдуми организирани од Русија во Украина и никогаш нема да прифати каква било анексија на територија или на која било земја од страна на Русија“, рече Дана Спинант, заменичка-главен портпарол на Европската комисија.
Изјавата дојде откако Москва денеска објави дека официјално ќе ги припои украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.
Осврнувајќи се на неодамнешното соопштение на високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Џосеф Борел, за осмиот пакет санкции на ЕУ кон Русија, таа изјави дека ЕУ е „подготвена да го натера Кремљ да плати висока цена за оваа нова ескалација“.
Петер Стано, портпаролот за надворешни работи, рече дека ЕУ ги повика земјите од Обединетите нации да го следат нејзиниот пример и да не ја признаат оваа незаконска анексија, додека Русија се движи кон вистинско заземање територија од Украина.
Според последниот предлог за санкции на ЕУ, на списокот ќе се додадат поединци и организации, а во прашање се одговорните за неодамна најавената воена мобилизација на над 300.000 руски граѓани и за одржувањето референдуми во украинските региони.
Во вторникот, украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск и делови на Запорожје и Херсон под контрола на руските сили ги завршија петдневните референдуми за припојување кон Русија.
Од почетокот на руската војна против Украина во февруари, санкциите на ЕУ беа насочени кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров и други, забранија трговија за одредени стоки со Русија и ги исклучија руските и белоруските банки од меѓународниот платежен систем СВИФТ.