Selen Temizer
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Европската Унија има за цел во 2022 година да произведува 3,5 милијарди дози вакцини, и дека поголемиот дел од нив ќе бидат експортирани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред состанокот на Г-20 кој ќе се одржи на 30-31 октомври во Рим и пред 26. Конференција за климатски промени на ОН која ќе започне на 31 октомври во Глазгов, Фон дер Лајен одржа прес-конференција во врска со приоритетните точки на дневниот ред за ЕУ.
Таа нагласи дека ЕУ на овие состаноци ќе се фокусира на напорите за ставање крај на пандемијата на Ковид-19, глобалното економско подобрување и климатските промени.
Фон дер Лајен рече дека поголемиот дел од 3,5 милијарди дози вакцини кои ќе бидат произведени наредната година во ЕУ, ќе бидат експортирани.
„На африканскиот континент сакаме да ја однесеме РНА-технологијата. Постигнавме добар напредок со Сенегал, Руанда и Јужноафриканската Република. Сега ќе оствариме соработка со Гана, Египет, Мароко, и Кенија“, додаде претседателката на Европската комисија.