Ekipa
19 Ноември 2021•Ажурирај: 20 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) и НАТО остро го осудија неодамнешното руско тестирање со антисателитски проектил, повикувајќи ја Москва да се воздржи од слични опасни и неодговорни акти во иднина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во две одделни соопштенија издадени од шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и од телото за одлучување на амбасадорите на НАТО, Северноатлантскиот совет, двете организации го осудија „неодговорното однесување“ на Русија при спроведувањето на тестот.
И НАТО и ЕУ рекоа дека тестот резултирал со орбитален отпад што ги загрозува вселенските активности, вклучително и астронаутите на Меѓународната вселенска станица.
„Постапките на Русија демонстрираат модел на неодговорно однесување и ги загрозуваат безбедносните, економските, научните и комерцијалните интереси на сите народи и актери кои сакаат да ја истражат и искористат вселената за мирољубиви цели“, соопшти НАТО, посочувајќи дека преку овој чин, Москва противрекла на сопствените тврдења за спротивставување на „вооружувањето“ на просторот.
Високиот дипломат на ЕУ, исто така, нагласи дека со овој тест, Руската Федерација ја покажала својата способност да уништува сателити во вселената, што е заканувачко однесување што ја поткопува стабилноста во вселената.
Двете тела ја повикаа Русија да придонесе за развивање меѓународни норми за одговорно однесување во вселената и да се воздржи од слични тестови во иднина.
Во понеделникот, Русија спроведе тестирање на кинетичко антисателитско оружје со директен успон (ASAT) против сопствениот сателит, КОСМОС 1408.
Според американскиот Стејт департмент, тестирањето резултирало со 1.500 парчиња орбитален отпад што може да се следи и најверојатно ќе генерира стотици илјади парчиња помал орбитален отпад.
Руското Министерство за одбрана во вторникот призна дека го извршило тестирањето.
Министерството негира дека тестирањето ја ставило во ризик Меѓународната вселенска станица и ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за лицемерие што бараат почитување на вселенските норми од Русија.