Şerife Çetin
05 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
БРИСЕЛ (AA) - Европската Унија (ЕУ) изрази загриженост поради лансирањето и новите тестирања на иранските балистички ракети, јавува Anadolu Agency (АА).
Брисел поради тоа го повика официјален Техеран да ги запре таквите активности, кои, како што рекоа од ЕУ, ја продлабочуваат недовербата и го дестабилизираат регионот.
„Иран продолжува со напорите да го зголеми опсегот и прецизноста на своите ракети, заедно со зголемувањето на бројот на тестирањата и оперативните лансирања и овие активности ја продлабочуваат недовербата и придонесуваат кон регионалната нестабилност“, се наведува во заедничката изјава на ЕУ.
Шефот на иранскиот Совет за национална безбедност минатата недела изјави дека Иран нема намера да го зголеми дострелот на своите проектили, но дека ќе продолжи да работи на својата сателитска технологија за да ја подобри прецизноста.
Иранскиот министер за одбрана, Амир Катами, истакна дека за капацитетите на проектилите не може да се преговара, одбивајќи го повикот на европските земји и САД дека треба да ја ограничат ракетната технологија.
Иран во саботата, во текот на одбележувањето на 40. годишнина на Исламската револуција од 1979 година, го претстави новиот крстосувачки проектил со дострел од 1.300 километри.